Оштетувањето на слухот е едно од најчестите вродени оштетувања кај децата. Едно до три деца на илјада новородени се раѓа со некој степен на наглувост или глувост.

Тој број е поголем кај децата со висок ризик а тоа се деца: со мала телесна тежина на раѓање (1500 гр), предвремено родени деца, позитивна фамилијарна анамнеза за постоење на глувост и наглувост во фамилијата, конгенитални инфекции, вродени аномалии на главата и вратот, хипербилирубинемија, употреба на ототоксични лекови (gentamicin, amikacin, tobramycin,…).

Оштетување на слухот - наглувост и глувост значи дека детето не слупа или послабо слуша некои гласови, фреквенции, или не може да го препознава изворот на звукот и да го локализира.

Ако детето има оштетување на слухот нема да може да одговори на вашиот глас и другите звуци онака како што очекуваме, а како расте ќе приметите дека неговиот јазик и говор не се развива како кај другите деца.

Исклучително е важно на време да откриеме и да ѓи лекуваме децата кои не слушаат. Кај овие деца нема да дојде до развој на јазикот и говорот, а последиците се когнитивен, интелектуален, емоционален и психосоцијален хендикеп.

Рана дијагностика на слухот во денешно време е достапна и можна. За рана дијагностика важно е прецизно земена анамнеза од родителите, оториноларинголошки преглед и сурдопедагошка опсервација. Веднаш по раѓањето кај децата се прави скрининг дијагностика за оштетување на слухот. Методите се неинвазивни, безболни и целосно сигурни. Ова се спроведува со мерење на транзиторно евоцираните отоакустични емисии и со мерење на аудитивно евоцираните потенцијали на мозочното стебло - BERA. Во светот се користи и нова метода, мултифреквентна тимпанометрија која ја потполнува дијагностиката.

Со раната дијагностика и раната интервенција кај овие деца веќе од шестиот месец, децата со оштетен слух ќе бидат здрави, среќни и ќе можат целосно да го достигнат својот полн развоен потенцијал.