Старечка наглувост (Презбиакузија) е физиолошка појава која се карактеризира со прогресивно оглувување од перцептивен тип и зуење во ушите.

Причинители за настанувањето:

До ден денес не е утврдена точната и единствената причина за оваа појава. Животот на современиот човек е во хронична бучава, стрес, хипертензија, дијабетес, заболувања на крвните садови, фактори кои сите заедно доведуваат до иреверзибилни, дегенеративни промени на слушниот нерв.

Симптоми:

Проблемите се јавуваат помеѓу 40 и 50 - тата година од животот. Наглувоста се јавува постепено. Се појавува симетрично на двете уши, препратена со зуење во ушите. Слухот најпрво се оштетува на високите тонови, а дури покасно се оштетуваат и ниските фреквенции. Пациентот се жали на ослабен слух и отежнато разбирање на говорот, особено во услови на бучава. Намалениот слух често е препратен со зуење во ушите со различен интензитет. Најчесто не го слуша звукот од телефонот или ѕвоното од куќата.

Дијагноза:

Дијагнозата се поставува врз основа од анамнезата, клиничкиот преглед и секако од возраста на пациентот. Тонска аудиометрија е дијагностичка метода со која дефинитивно се поставува дијагнозата и се одредува степенот на оштетување на слухот.

Најчести причинители за оштетувањето на слухот се дегенеративните промени на сетилото за слух и слушниот нерв кои настануваат поради процесот на стареење - ПРЕЗБИАКУЗИЈА а се дефинира како обострано, иреверзибилно сензоневрално оштетување на слухот. Презбиакузијата погодува 30 % од популацијата постара од 65 години, односно 50 % лица над 75 години. Кај пациентите со генетски предиспозиции за оваа болест, значајни оштетувања на слушниот нерв се јавуваат веќе во 40 - тата година од животот.

Кај постарите лица ова претставува сериозен проблем во комуникацијата и тие често се повлекуваат од друштвата, понекогаш погрешно се сфатени и од членови во фамилијата и  неретко се појавуваат знаци на депресија.

Лекување:

Задачата на докторите и ОРЛ специјалистите е после поставената дијагноза, да го упатат пациентот во референтна институција поради решавањето на наведениот проблем. Во целта за враќање на социјалниот контакт, единствено правилно решение е користење на соодветен слушен апарат. Во институциите кои се специјализирани за слушни амплификатори, стручна личност копмјутерски и детално ќе испита и одреди слушен апарат кој ќе биде прилагоден на типот и степенот на оштетување на слухот, поединечно за двете уши.