Во текот на последните неколку години постигнат е огромен напредок во развојот на технологијата на слушните апарати кои сега репродуцираат одличен квалитет на звук и се со исклучително мала големина т.е практично се невидливи.

Порано се сметало дека лицето со сензоневрално оштетување не е добар кандидат за слушен апарат, особено ако нема разбирливост на говорот, а како контраиндикација за уптребата на слушен апарат важела е и зачуваноста на нискофреквентниот спектар (околу 1500 Hz) или малата толеранција на силните звуци. Таквите ставови сега припаѓаат во минатото. Современета технологија на слушните апарати денес дозволува нивно успешно подесување кај повеќето пациенти со овие аудиторни проблеми. Впрочем, сите слушни апарати настојуваат да овозможат добра и пријатна слушност на личноста со оштетен слух, како во тишина така и во бучава.

Познат е фактот дека слушниот апарат не може да воспостави нормален слух. Увото е премногу комплексно за да би можело да се имитира неговата функција. Покрај ова секогаш треба да имаме на ум дека мозокот е процесорот за разбирање на говорот. Не е реално да се очекува дека слушниот апарат штом се стави на уво веднаш ќе го реставрира разбирањето на говорот. За воспоставување на овој процес потребни се неколку недели за да се усогласи мозокот односно да ја регулира користа од воведувањето на вакво појачување на звукот преку слушен апарат. Слушниот апарат го држи активен мозокот при процесот на обработка на звукот. Исто така слушниот апарат со олеснувањето на комуникацијата го намалува нивото на стрес.

Меѓутоа, слушните апарати имаат ограничувања. Како што е претходно споменато, тие не можат да го реставрираат слухот. Исто така тие не можат да ја “одсечат ” бучавата од позадина, која и најчесто смета во следењето на говорот односно во користењето на корисен сигнал. Тие можат да бидат подесени така да ефектот од позадина биде намален во најмала можна мера, но потполна екстракција на вкупната бучава од позадина не е можна. Многу често позадинска бучава претставува говорот на другите луѓе.

Современите дигитали слушни апарати можат да го анализираат дојдовниот сигнал, да го појачат звукот кој има карактеристики на говор, а во исто време и да ѓи намалат звуците кои не претставуваат говорен сигнал. Слушните апарати ја зголемуваат свесноста за звукот вклучувајќи ѓи и звуците кои не се посакувани. На пример, повеќето луѓе забораваат дека и чекорите имаат звук, моторот на фрижидерот, вентилаторот на компјутерот. Слушниот апарат повторно ѓи воведува овие звуци на оштетеното уво додека мозокот го обработува ваквото појачување на звукот. Мозокот истовремено во еден свој дел прави анализа на оние звуци кои можат да бидат игнорирани.