Што имаат заедничко бананите, спанаќот, кикиритките и црното чоколадо? Ова се дел од намирниците кои содржат хранливи материи поврзани со здравиот слух. Иако ниедна намирница поединечно не е клуч за добро здравје или превенција од болест, исхраната со квалитетна храна допринесува за севкупното здравје и може да помогне да се намали ризикот од губиток на слухот.

Здрава исхрана, здрав слух

Истражувањата покажуваат дека диетите во кои им се дава приоритет на овошјето и зеленчукот можат да го намалат ризикот од губиток на слухот за најмалку 30%. Жените кои држеле диети кои фаворизираат овошје, зеленчук, бело месо, риба и млечни производи со ниска масленост, како и ограничување на користењето на сол, шеќер и масло, утврдиле дека мала е веројатноста да развијат губиток на слухот, отколку жените чии обрасци на исхрана се поинакви во однос на овој здрав избор на намирници.

 

Неколку популарни диети за здрав животен стил, вклучувајќи и медитеранска исхрана, откриено е дека штитат од губиток на слухот. Овие диети даваат предност на храна на билна база, житарици и сл. Маслото се заменува со здрави масти како што се маслиново масло и масло од канола. Наместо сол, билки и зачини се користат за подобрување на вкусот на храната. Исхраната која се состои од риба и пилешко месо е пожелна, а црвеното место е потребно да се користи ограничено во исхраната. Чаша вино или замена во вид на сок од грозје е дозволено за вечера. Општа препорака е да се ограничи употребата на црвено место, преработена храна и слатки пијалоци.

Нутритивни совети за подобар слух

Здравата исграна е камен темелник на доброто здравје. Во комбинација со редовни физички активност, квалитетната исхрана може да го подобри имунитетот, да ја намали чувствителноста на болести и да ја зголеми продуктивноста. Кога имате разновидна и урамнотежена исхрана, добивате есенцијални хранливи материи, витамини и минерали кои му се потребни на Вашето тело за нормално функционирање. Следните четири минерали, лесно достапни во разни намирници, се покажа дека влијаат позитивно на здравјето на слухот:

 

Калиум

Калиумот помага во регулирањето на течностите во ткивата и крвта. Како што старееме, нивото на течност има тенденција да се намалува. Падот на нивото на течности во внатрешното уво може да биде фактор во опаѓањето на слухот кое настанува како последица на стареењето. Течноста е посебно важна за функционирање на полжавот, дел од увото во облик на полжав, исполнет со посебни флуиди кои се важни за процесот на слушање.

Храната богата со калиум вклучува: компир, спанаќ, грав, домати, суво грозје, кајсии, банани, дињи, мандарини, јогурт и млеко со ниска масленост.

Цинк

Цинкот е моќен минерал кој ги метаболира хранливите материи, го одржува имунолошкиот систе и помага при раст и обнова на ткивата. Поттикнувајќи го имунолошкиот систем, цинкот помага и при заштита од микроби, вклучувајќи ги и оние кои предизвикуваат настинка, а кои можат да доведат до инфекција на увото. Цинкот се наоѓа во ќелиите во целото тело, но внатрешното уво содржи најголема концентрација на цинк. Студиите покажуваат врска помеѓу недостатокот на цинк и тинитус, константно зуење во увото.

Цинкот може да се најде во различни видови месо, посебно во црвеното месо, пилешкото месо, грав, ореви, јајца и млечни производи.

Фолна киселина

Фолната киселина, еден од витамините од групата Б, помага во создавање здрави нови ќелии и помага при зголемување на циркулацијата во телото. Возрасните со ниско ниво на фолна киселина имаат поголема веројатност да развијат Presbiakuzis или старечка наглувост. Една од теориите е дека фолната киселина му помага на телото да го метаболизира хомоцистеинот кој ја намалува циркулацијата.

Фолната киселина може да се најде во намирници како што се спанаќ, брокула, грав, грашок.

Магнезиум

Магнезиумот помага во одржувањето на нормалниот крвен притисок, ги зајакнува коските и одржува нормален срцев ритам. Магнезиумот исто така може да заштити од оштетување на слухот предизвикан од врева. Истражувачите открија дека магнезиумот и мешавина од витамините А, Ц и Е може да ги намалат слободните радикали настанати од голема врева.

Храна богата со магнезиум вклучува многу овошје и зелечнук, авокадо, тофу, интегрални житарици, па дури и темно чоколадо.

 

Здрав стил на живот

Нема сомнеж дека на слухот влијае Вашиот животен стил и општото здравје. Диета богата со хранливи состојки, посебно таа со антиоксидациски својства која е исто така со малку заситени масти, малку шеќер и малку калории, може да го намали ризикот од губиток на слухот. Додавањето на здрава храна во исхраната и фокусирање на хранливите материи кои Вам можат да Ви недостигаат може значајно да влијаат на Вашето долгорочно здравје на слухот. Покрај тоа што го зајакнува здравјето на слухот, избалансираната исхрана богата со храна добиена од овошје и зеленчук, интегрални житарици може да Ви помогне да го намалите ризикот од срцеви болести, рак и други хронични болести и да го подобри Вашиот севкупен квалитет на живот.

Здравата исхрана е само еден од начините да помогнете во одржувањето на здравјето на слухот. Имајќи во предвид дека губитокот на слухот може да се појави постепено, можеби нема ни да забележите губитокот на слухот се додека не почне да пречи на Вашиот живот. Редовна проверка на слухот е брза, лесна и безболна. Ако се открие оштетување на слухот, Вашиот аудиолог може да предложи најдобро решение за вас.